Некогаш повеќе од илјада гледачи имаше на малата трибина од Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп за да гледаат тренинг на Победа. Традицијата продолжува и сега. Група најзагреани навивачи и сега не пропуштаат ниеден тренинг. Ги интересира секој детаљ од тренинзите што ги води новиот стратег Бобан Бабунски – трчање, шутирања, одбрани, комбинации, совети… Тие фудбалски симпатизери први знаат кој отсуствувал, кој заминал, кој нов дошол. Штом не пропуштаат тренинг, нема шанса да пропуштат натпревар, макар и пријателски.
По тренингот, ги шират вестите. Тие разбрале дека досега само тројца заминале од Победа – Дарко Анѓелески, Оливер Христов и Благој Истатов. Многу важно е што постојат шанси да останат сите други досегашни првотимци, со кои имало разговори деновиве. Како плод на тие разговори е зголемената присутност на тренинзите, од ден на ден. Секако публиката знае дека имало и потенцијални фудбалери за пристапување – Нигериецот Удома Чуквума од Пелистер, Ѓорѓи Јованоски од Слога, Игор Паноски од Воска, Методија Делов од Тиквеш…
Првиот пријателски меч е со Брегалница, на 5 јули.