Во пресрет на ждрепката за фудбалската Младинска лига на УЕФА утре (среда) во 13 часот, во Нион, Швајцарија, предмалку се објавени седумте можни противници на македонскиот младински шампион Победа. Тоа се: АЗ Алкмар (Холандија), Хибернијан (Шкотска), Молде (Норвешка), АИК (Шведска), Расинг унион (Луксембург), Шамрок роверс (Ирска) и Колерејн (Северна Ирска). Најтежок противник би бил АЗ Алкмар (рангиран на 2. место меѓу 32 тима), потоа Хибернијан (4), Молде (14), АИК (15), Расинг унион (25), Шамрок (27) и Колерејн (32). Победа е рангирана на 28. место.
Други клубови учесници: Црвена звезда од Белград (Србија), Хајдук од Сплит (Хрватска), Домжале (Словенија), Борац од Бања Лука (Босна и Херцеговина), Галатасарај од Истанбул (Турција), Омонија од Никозија (Кипар), Панатинаикос од Атина (Грција), Славија од Софија (Бугарија), Чикшереда (Романија), МТК од Будимпешта (Унгарија), Аполонија од Фиер (Албанија). Нант (Франција), Генк (Белгија), Рух Лвов (Украина), Славија Прага (Чешка), Јанг бојс (Швајцарија), Ашдод (Израел), Габала (Азербејџан), Астана (Казахстан), Заглебје Лубин (Полска), Тренчин (Словачка), Жалгирис (Литванија), Пјуник (Ерменија), Јелгава (Латвија). Прворангиран е Нант.
Првите мечеви од 1. коло се на 14 септември, реваншите на 5 октомври. Победа за натпреварот дома го има пријавено Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, а алтернатива е Стадионот од ФФМ „Петар Милошевски“ во Скопје.