Пораз на Победа од 1:0 на гостувањето кај досега последниот тим на табелата од Првата лига на Македонија, Скопје.
Веднаш по мечот ФК Победа се јави со кусо соопштение:
– Судијата Димитар Пилешков беше катастрофален кон Победа, а наклонет на домашните. Не им додели два црвени картона, во 31. минута за Дино Најдоски, во 62. минута за Изет Ајрулаху. Имаме и непризнат гол за нас од Иван Галевски во 80. минута, кога топката ја мина гол-линијата. На голот за домашните претходеше фаул непостоечки а досуден за домашните, потоа и фаул недосуден врз голманот Дарко Тофилоски – велат од ФК Победа.
Во секој случај, големо разочарување за прилепчаните, со оглед на очекувањата за поволен резултат, по претходното реми со шампионот Шкупи. Во првото полувреме Победа имаше добра игра и контрола на теренот и ништо не навестуваше дека домашните први ќе постигнат гол. Но, во финишот од првото полувреме (35. минута, стрелец 37-годишниот Христијан Кировски), при остар центаршут и уште два удари во серија, топката ја затресе гостинската мрежа. Прво голманот Тофилоски двапати ја одби топката, а при третиот, пресуден шут тој беше на тревата и немаше кој да го одбрани ударот.
По примениот гол Победа се обидуваше да возврати, но без успех. Домашните не дозволија израмнување. Неколку мешаници пред двата гола не резултираа со измена на резултатот, така што на крајот остана 1:0 и три бода за Скопје.
Победа настапи со: Тофилоски – Симуновиќ (62. Бошески), Паноски (60. Делов), Ѓурковиќ, Галевски – Тодоров, Рамани, Амос – Џејмс (67. Тодороски), Мазари, Б. Спиркоски.
Како и да е, прерано е за предавање, Победа мора да собере сили за следниот меч дома со Брегалница.
Други резултати: Брегалница – Шкупи 2:0, Шкендија – Македонија ЃП 1:1, Силекс – Тиквеш 3:2, Академија Пандев – Струга 0:3. Слободен беше Работнички.