Утре (недела) во 13 часот е почетокот на натпреварите од 13. коло на фудбалската Прва лига на Македонија. Во Кавадарци е соседското дерби Тиквеш – Победа. Пред два и пол месеца во Прилеп беше 1:0 за Тиквеш, а сега прилепскиот тим сака да возврати. Дуелот помеѓу петтиот Тиквеш со 16 бода и осмата Победа со 11привлекува интерес. Покрај кавадарчани, на трибините се очекува присуство и на многу прилепчани. Низ прилепската чаршија денеска можеше да се слушнат разговори на оваа тема и договарања за патување со автобуси или со автомобили. Во кавадаречкиот тим има двајца прилепчани – Стефан Наумчески и Даниел Карчески, а во прилепскиот е еден кавадарчанец – Методија Делов.
Натпреварот утре го суди Фуркан Идризи од Тетово.