Во седумдесеттите години од 20 век за најголем фудбалски талент не само во Прилеп и Македонија, ами и во тогашна Југославија важеше Рубин Ѓорѓиоски. Почна во 1976 година како 16-годишно момче. Неговото мајсторство во средниот ред, игра со двете нозе, дриблинзи како Бразилец, проигрувања, ја воодушевуваше публиката. Беше повикуван и во Младинската селекција на Југославија. Очекувањата беа дека ќе прифати некоја од понудите на големите клубови, југословенски гиганти. Затоа, неколку сезони потоа, во 1980 година, во интервју за локалниот неделник „Народен глас“ доби прашање зошто не замина во Звезда, Партизан, Хајдук или Динамо?
– Не сакав да бидам робот, туку човек. Не можам без семејството, другарите, пријателите, Прилеп. Го сакам фудбалот, но и се друго убаво во животот – рече Ѓорѓиоски.
Меѓу врвен професионализам и полупрофесионално занимавање со фудбалот, го одбра второво. Меѓу четирите гиганти ја одбра – Победа! На прв поглед чудно, но примерот не е осамен. Многумина кога на вага ги мерат печалбата и славата, жртвата при заминувањето, во споредба со удобностите при останувањето, се решаваат да не се делат од родниот град.
Играчката кариера ја заврши во 1987 година, а долго време беше и тренер во Стручниот штаб на Победа. Насловната фотографија е од 2 јули 2005 година од „Аол арената“ во Хамбург, пред мечот Хамбургер – Победа.