Денеска со подготовките за фудбалската Прва лига на Македонија стартуваше екипата на Победа. Првиот тренинг беше на добро подготвениот терен од Градскиот стадион „Гоце Делчев“, а претходно беше средбата на првиот клупски човек Благоја Гешоски и соработниците со Стручниот штаб и над 20 фудбалери.
– Тренинзи освен на овој терен ќе има во вежбалницата „Картуш“, како и на теренот кај Могилата. Следната недела можно е да заминеме надвор од Прилеп. Закажавме пријателски натпревари со Феризај, Охрид, Сремска Миртовица, Пелистер, а можно е уште да одиграме со Гостивар и уште некој ривал. Од играчкиот кадар од странство сметаме на Амос, Амо, Ѓурковиќ, а можно е да остане и Џејмс. Деновиве доаѓаат повеќемина Африканци – најави Гешоски.
Тренинзите се под водство на новиот шеф на Стручниот штаб Благојче Дамевски, кому му помагаат Стојанче Дунимаглоски и Дејан Кебакоски, а можно е во Стручниот штаб да остане и Сребре Стефаноски.
– Не очекува лавовска борба. Целта е опстанокот. Јас сум убеден дека ќе го оствариме. Услов е мамксимално да се подготвиме – порача Дамевски.
НАУМОСКИ И ПАНОСКИ СЕ ЗАСИЛУВАЊА
Меѓу присутните како засилувања беа претставени Јорданчо Наумоски и Игор Паноски. Тие не се нови, но поради повредите не беа во можност да му помогнат на тимот. Наумоски цела есен отсуствуваше, а Паноски во финишот. Тие имаа индивидуални тренинзи во паузата, а сега се заедно со екипата.
Двајцата можат успешно да одиграат на повеќе позиции.