Во Победа никој не ни помислува на предавање и покрај трите пролетни пораза од Работнички, Шкендија и Силекс. Борбата за опстанок продолжува. Ова е потенцирано на клупскиот состанок, на кој неизбежно беше чувството на судиска неправда од последниот дуел.
– Сите заедно од почетокот се договоривме да нема отстапување од целта. Така докрај одиме, со максимално залагање и машка борба додека имаме и најмала шанса. Играме против се и против сите, но предавање нема да има – порачува шефот на Стручниот штаб Благојче Дамевски.
Веќе утре (среда) е дуелот во Струмица со конкурентот за спасоносното 9. место од табелата, Академија Пандев. Екипата на Победа во трите претходни меча настапи со 20 фудбалери, но секако дека во играчкиот кадар има уште неискористени сили. Во отсутво на повредените, Србинот Миодраг Петковиќ и Анатолиј Петејчук, тука се уште Игор Паноски кој есеноска играше и во одбраната и во средниот ред, па Филип Спиркоски, Теофан Кисески – Илијоски, Стефан Спиркоски, а се чека и формалноста за право на настап на Швеѓанецот Керим Делен и Израелецот Салеем Фавахри.
– Има тука од овие играчи кои можат да дадат придонес. Претстојат разни комбинации, ротации… Долго е првенството и сите ќе добијат шанса – вели Дамевски.
Утрешниот меч Академија Пандев – Победа е со почеток во 14 часот со директен пренос на Спортклуб 2.