100 години фудбал во Прилеп

СПОМЕНИ ОД МИЛАН ТОДОРОСКИ: ЅИРКАЊЕ ПРЕД СТАДИОНОТ И ТРЕСЕЊЕ ПРЕД НАТПРЕВАР!

Во овој кризен период за прилепскиот фудбал, најубаво е враќањето кон  минатото, кај преубавите спомени. Од Австралија ни се јави Милан Тодороски, некогашна ѕвезда на Победа од осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век. Ни напиша многу детали, а во оваа прилика издвојуваме неколку.

– Не постоеше дете од Прилеп и околината кое во тие 60, 70 и 80 години играло фудбал, а да не сонувало еден ден да го облече дресот на Победа.Таков беше случајот и со мене, иако јас ја немав таа среќа и можност да ја гледам Победа затоа што живеев на село. Во тие ретки доаѓања во Прилеп патот до мојата тетка водеше покрај фудбалот (како тогаш го нарекуваа стадионот), а мојата баба не можеше да ме дочека да ме одлепи од вратите на стадионот низ кои ѕиркав внатре – почнува раскажувањето на Тодороски.

За да се оствари нешто, треба да се сонува. Соништата на младиот Милан се поврзани со Победа. Прво да ја гледа Победа, потоа да биде блиску зад стативите, а кога ќе порасне да заигра. Штом се запишува во средно училиште, се пријавува во тогашната пионерска екипа. Тренира месец-два и очекува да биде повикан за на натпревар да ја враќа топката в терен. Никогаш не ја добива таа шанса и затоа е многу љубоморен на другите деца.

– Бидејќи никогаш не ја добив таа шанса, морав да скокам преку ѕид или некогаш да плаќам карта за да бидам дел од оние 10-15000 или повеќе гледачи. Сепак мојот сон се оствари , иако прилично доцна, на 27 години. По поминување низ сите можни лиги, најпосле го облеков дресот на Победа, член на Втората југословенска лига. Најзаслужен човек беше покојниот Мицко Николоски кој ме познаваше многу добро и кој беше еден од моите тренери во 11 Октомври. Беше прогресивен тренер, сакаше модерен фудбал со многу трчање. Признаваше само работа, и штета што никогаш не доби прилика да биде прв тренер, туку секогаш помошник. И уште еден човек имаше заслуга, покојниот Трајче Маџоски, кој како судија од највисок ранг во Југславија, на мојот последен меч во Општинската лига ми пријде и ми вели ти си играч за Победа, итно заминувај одовде, имаш голем потенцијал. И останатото е историја – ни пишува Тодороски.

Сонот му се остварува во летото 1987 година, кога Маџоски како секретар на Победа оди во Скопје по исписница, плаќа обештетување на Балкан за да се оствари трансферот. Есента е една од најдобрите во историјата на Победа, секако и полусезона која ја обележува кариерата на Милан. Ги одигрува сите 17 натпревари во тимот на тренерот Кирил Анески – Тумано, а при тоа само на еден е заменет при крајот, со Тетекс. Според тогашните дневни и спортски весници, влегува во идеалниот тим на Втората лига – Исток и е меѓу десетте најдобро оценети играчи.

– Сите натпревари ми се во сеќавање. Како вчера да беше со ОФК Београд кого го совладавме со 2:1 и со Нови Пазар со кого одигравме 0:0, двете во Прилеп. И на двете, како и впрочем на сите други, на стадионот имаше доста луѓе 16-17-18000 можеби. Беше празник за оние на трибините а големо доживување за нас, на зелениот тепих. Не беше воопшто лесно да се излезе пред полн стадион и да се игра. Се секавам во 13. коло дебитира Влатко Досев. Вечерта пред натпреварот седевме во „Чардак“, една од две-три кафетерии во тоа време. Човекот цела вечер се тресеше од страв. Трема. Тука беа и Ѓорѓи Тркалинов и Васил Гунев, моите најдобри другари. Како го дочека натпреварот само тој знае. А токму на тој меч постигна два гола и до средата никој не знаеше каде е. Не се појави на тренинг во вторникот. Почна потера. Никој жив не знаеше каде е, ни мајка му ни роднините. Никој не знаеше каде е, а тој три дена славел на некоја викендичка, и сосема заслужено, ако се земе предвид под каков стрес беше пред неговото деби – ни раскажува за интересната случка од 1987 година.

Последнава случка е за мечот Победа – Црвена звезда од Гњилане (3:0) на кој Досев е стрелец на првиот и третиот гол, а вториот го даде Гунев.

 

Од категоријата

ПРВАКОТ НЕ БЕШЕ ЧУДНО ДА ПРИМИ И 5 ГОЛА ВО ПРИЛЕП!

Зоран Иге

ТРИЕСЕТ МИНУТИ ВО ТРЕТА ЛИГА, ШЕЕСЕТ ВО ВТОРА!

Зоран Иге

БЕСПЛАТНА ТРИБИНА ВО ПРИЛЕП

Зоран Иге

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. ДА Повеќе