Многупати е споменуван мечот Победа – Трепча од 22 јуни 1980 година. Тогаш, во последното 30. коло Победа, тим кој се бори за опстанок во Втората југословенска лига – Исток, со неверојатни 5:1 ја совладува Трепча од Косовска Митровица, екипа до претходното коло кандидат за првото место.
Како се случува подвигот? Не само во разговорите меѓу најупатените фудбалски симпатизери, туку и во медиумите, имаше обиди за доаѓање до вистината. Една варијанта зборува дека гостите иако немотивирани, со изгубени шанси за врвот, првото полувреме даваат некаков отпор, па резултатот е само 2:1 за Победа. На Победа и треба висок триумф за да се надева на опстанок. На полувреме гостите очекуваат некаква награда за да почнат да статираат во вториот дел. Од каде награда, од каде пари? Тогаш, непосредно по смртта на претседателот Јосип Броз – Тито постои фонд, со име Титов фонд, за помош на студентите од работничките семејства. Во тој фонд се собираа сите пари од продадените влезници на спортските натпревари. Така и на овој меч, цела вреќа собрани пари (да спомнеме отприлика 7000 влезници по 3 германски марки се над 20 илјади марки или денешни 10 илјади евра). На натпреварот присутен најголемиот менаџер (мешетар) на сите времиња, Велибор Џаровски – Џаро. Се смета дека тој ја дал идејата парите наместо во Титовиот фонд, да одат кај Трепча.
– Ами Титовиов фонд, што ќе правиме со него?
– Абре каков Титов фонд, гледајте да се спасиме од отпаѓање – била полемиката на полувремето.
Така, Трепча уште повеќе паѓа во играта и може да прими до десетина гола, но Победа „има исаф“ и дава само уште 3, па триумфот од 5:1 е недоволен за опстанок, со оглед на ремито Мајданпек – ОФК Титоград 1:1.