Некаде во седумдесеттите години од 20 век толку се намножија фудбалските екипи од Општина Прилеп, што се јави потребата од повеќе фудбалски игралишта. Речиси секое поголемо претпријатие и секое поголемо место основа фудблски клуб. Така екипи од Прилеп и околината имаше во Втората југословенска лига (Победа), во Републичката лига (11 Октомври), во Пелагонискиот или Југозападниот регион (ЗИК Прилеп и др.), а многу екипи учествуваа во неколкуте групи од А и Б лигите на ОФС Прилеп.
Проблемот со игралишта особено беше во градот. Така, освен тревнатиот терен од Спортскиот центар кај базенот, во функција беше и земјениот веднаш до него, на местото каде сега е салата „Маркови Кули“ со придружните објекти. На тоа игралиште имаше за викенд од утро до мрак натпревари од најнизок ранг, како и од младинските категории. Кога се играше на тој терен од земја, се креваше таква голема прашина што од денешен аспект не може да се замисли, камоли да се прифати. Особено прашина имаше таму каде е топката, таму каде е собрана поголема група играчи да се борат за неа. Од прашината ниту се гледаше топката ниту играчите. Условите беа никакви, но преголема беше тогаш желбата за фудбал и никој не бараше некакви стандарди, посебни услови. Така се играше од средината на седумдесеттите до средината на осумдесеттите години на 20 век, кога на истото место се изградија две асфалтни игралишта – за мал фудбал и за кошарка.
Од тие времиња во спомен се екипите на Пелагонија турист, Црн бор, Зеленик, Мермерен комбинат и други.