Беше недела, 8 ноември 1987 година. На стадионот „Гоце Делчев“ претстоеше натпревар од 13. коло на Втората фудбалска лига – Исток, Победа – Црвена звезда Гњилане. Бидејќи Победа се бореше за првото место и влез во Првата југословенска лига, цел град се готвеше да оди на стадионот. Неизвесни бевме само една група, војници-резервисти. Седум дена бевме во селото Ореовец и прашање дали воената вежба ќе заврши навреме, за да бидеме во стадионот пред попладневниот старт на натпреварот.
– Друже командире, поподне је утакмица, можемо ли брже завршити вежбу? – често го прашувавме главниот офицер.
– Јој ви прилепчани, јели сте полудели. Шта је с вама, каква утакмица?
– Најважнија од свих до сада.
Офицерот виде-не виде забрза со вежбата и нареди возилата, камионите бргу да се наполнат со војници и сите да се превезат до стадионот. Секоја минута беше важна. Точно пред почетокот, камионите стигнаа пред малата трибина.
– Еееј, каде вака? Што е ова, цела чета? Ами карти?
– Какви карти, пријателе, гледате дека не сме ни преслечени, со ранци… Одвај стигнавме довде.
– Ајде влегувајте, белки ќе донесете среќа – се смилува човекот на влезот.
Меѓу околу 12 илјади гледачи се смести четата војници-резервисти, сведоци на победата на Победа од 3:0, со головите на Влатко Досев 2 и Васко Гунев. Екипата Победа настапи со: М. Јонуз, З. Костов, Радевиќ, Досев (Т. Наумоски), В. Димоски, Ф. Јонуз, С. Најдоски (Богоевиќ), М. Тодороски, Гунев, Тркалинов, М. Конески, а тренер беше Кирил Анески.