Вредните настани се паметат и по долги децении. Колку повредно, толку подолго е во колективната меморија. Така и натпреварот од 3 мај 1987 година, Победа – Напредак (Крушевац), од 26. коло на Втората југословенска лига – Исток. На Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп се води голема битка за опстанок – Победа со 22 бода, Напредак со 21. Судија: Владимир Шаин од Љубљана.
Победа, бодрена од многубројната публика, напаѓа, но не создава многу зрели шанси. Шансите се ретки и за гостите и за домашните. Одличниот гостински голман Милиќ Јовановиќ неколкупати прави чуда. Кога сите гледачи скокаат да го поздрават водството на Победа, тој се фрла и спасува сигурен гол. Доаѓа последната 90. минута. Корнер за Победа изведува Миле Конески. Топката оди високо и паѓа кај петерецот. Тука е голема мешаница, метеж од дваесетина домашни и гостински играчи. Можеби сите се тука освен домашниот голман Мирсад Јонуз. Во тој голем метеж, топката со глава силно ја удира Сашо Тодоровски, доволно силно и прецизно за да ја упати во левиот долен агол. Гол! Во тој момент се знае – се „пали“ стадионот во Прилеп. Ова е важна победа, важни два бода, како што се покажува на крајот кога меѓу 18 тима Победа го освојува 13. место. Успех и за фудбалерите и за тренерското трио: Јове Магдески, Мицко Николоски, Методија Крстески.
ПОБЕДА: М. Јонуз, Шалев (М. Стојкоски), Радевиќ, В. Димоски, Анѓелковиќ, Сусулески, Тасевски, Т. Наумоски (Зекиќ), Зефиќ, С. Тодоровски, М. Конески.
НАПРЕДАК: Јовановиќ, Јоксиќ, Мичиќ, Јокиќ, Лалиќ, Радиќ, Којиќ, Ивковиќ, Милутиновиќ (Катанчевиќ), Јездимировиќ, Филиповиќ (Бочевиќ).
,