Прилеп во фудбалот има традиција долга и повеќеслојна. Долги децении мечевите на Победа се следеа не само од големата, малата трибина, трибината зад голот, туку и од скалите кај старата болница. Местото на шега е нарекувано „феријална трибина“, поради бесплатното гледање. Кога беше тука старата болница, оттаму гледаа пациенти по пижами и граѓани со плиток џеб, работничка класа, невработени, социјалци..
Скапи беа влезниците по 100 југословенски динари, но бидејќи тие луѓе не можеа да дишат без Победа, единствен спас наоѓаа на скалите. Навистина, тогаш поради виокиот ѕид оттаму не се гледаше целиот терен, но доволно да се „улови“ барем нешто колку за коментар. Особено проблематично беше кога домашните акции одеа кон источниот гол. Од оградниот ѕид и разгранетите дрвја ништо не се гледаше. Дури кога ќе „згрмеше“ публиката однатре, тогаш и „феријалците“ скокаа и му се радуваа на голот.