Екипата Куманово е противникот на прилепска Победа во бараж-мечот за Втората лига, според ждрепката во Фудбалската федерација на Македонија. Тимот Куманово беше првак на Третата лига – Север, во која учествуваа 14 тима. Најголем конкурент на Куманово му беше Шкендија од Арачиново. На крајот Куманово освои 70 бода, Шкендија 69. На 26 меча, кумановскиот тим забележа 23 победи, 1 реми и 2 пораза. Иако Куманово е регистриран како Градски фудбалски клуб, како домаќин настапува на игралиштето во село Доброшане.
– Победа е екипа со реноме, актуелен второлигаш, за нас можеби најсилниот противник. Но, нашите амбиции се да влеземе во Втората лига. Имаме квалитетна екипа со играчи од Кумановско и неколку од Скопје, па ќе видиме што ќе биде в сабота. Еден натпревар е и се е можно – вели потпретседателот на Куманово, Тони Раденковиќ.
Клубот под ова име постои 11 години и има учествувано во два ранга – Општинска лига и Трета лига – Север.