Одмор е во фудбалските клубови, но фудбалерите не мируваат и одржуваат индивидуални тренинзи или во мали групи. На Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, околу теренот кој се чува и дотерува за следната сезона, забележавме неколкумина членови на прволигашки клубови. Тука е голманот Дарко Тофилоски (Беса), играчите од средниот ред Даниел Карчески (Тиквеш), Дарко Анѓелески (Силекс) и Јорданчо Наумоски (Пелистер). Во врска со претстојното првенство, дознаваме дека Тофилоски сигурно продолжува во Беса, исто како и Анѓелески во Силекс, додека Јорданчо Наумоски очекува продолжување на договорот со Пелистер (заедно со другите прилепчани таму – Марио Наумоски, Давид Јошески, Марио Дебрешлиоски и Бојан Спиркоски). Што се однесува до Карчески, тој се раздели од Тиквеш и наскоро ќе се знае неговиот нов клуб.
Сите до пред некоја сезона беа заедно – во Победа.