Прилепските фудбалски љубители во следните денови ќе се изнагледаат фудбал. Веќе денеска (среда) попладне, од 17, 30 часот на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп е пријателскиот меч Победа – Македонија ЃП. Ова е добар тест во кој се среќаваат екипи кои беа прволигаши, Победа пред една година, а Македонија ЃП пред два месеца.
Од утре четврток (8 август) до недела (11 август) на Стадионот „Могила“ во Прилеп е третото издание на Меѓународниот фудбалски турнир „Прилеп куп 2024“ за млади категории фудбалерчиња, родени меѓу 2011 и 2016 година. Секој ден ќе има натпревари – в четврток од 17 часот, а в петок, в сабота и в недела од 9 часот па до крајот на денот. Покрај домашни школи и клубови од Прилеп и од цела Македонија – Пелистер (Битола), Караорман (Струга), Охрид, Брера (Струмица), Форца Џипунов (Скопје), Напредок (Кичево), Саса (Каменица) и многу други, меѓународниот карактер го дава учеството на клубови од Србија – Лесковац (Јединство Бошњаче на тренерот Игор Митиќ, поранешен фудбалер на Победа), како и од Ниш.
Организатори на турнирот се Општина Прилеп и Фудбалската школа Тони.