Утре (сабота) се игра второто коло од Втората фудбалска лига на Македонија. За прилепските фудбалски љубители исто како да е прво коло, со оглед на тоа што првпат имаат можност да присуствуваат на меч на Градскиот стадион „Гоце Делчев“. Повод е дуелот Победа – Борец. Домашната екипа Победа покажа солидна игра на стартот давајќи силен отпор во Штип на Брегалница, иако загуби со 2:1, а сега со силна поддршка на своите симпатизери атакува кон прв триумф против ривалот од Велес. Кога почнува сезоната секогаш имало многу публика во Прилеп, па така се очекува да биде и овојпат. За натпреварите одредена е цена на влезниците по 100 денари, а овозможена е и сезонска влезница за 16 меча (15 за Првенство и 1 за Куп) по цена од 1.000 денари.
Продажни места: „Графика дизајн“, „Релушко“ и Кафе бар „Мирор“.
ВТОРО КОЛО (сабота, 24 август, 16 часот): Победа – Борец, Вардар Н. – Беласица, Охрид – Арсими, Башкими – Македонија ЃП, Новаци – Брегалница, Саса – Детонит, Вардарски – Кожуф, Осогово – Скопје.