Пријателски меч со пресврт одиграа фудбалските второлигаши Вардар и Победа. На Градскиот стадион во Неготино, на екипите им припадна по едно полувреме. По првото полувреме прилепскиот тим поведе со 1:0, со голот на Давор Богевски во 37. минута, по неодбранливиот удар од 17 метри.
Сепак во вториот дел настана пресврт, по двата црвени картона за екипата Победа. Исклучени беа прво голманот Антонио Шемкоски, набргу потоа и играчот Метин Ќерими. Следеа два гола за Вардар, во 64. минута преку Марко Стојчески и во 67. минута преку Глигор Шиков, за 2:1, што е конечен резултат.
Се одигра по мошне тежок терен во Неготино. Во прилог е фотографијата што ни ја испрати Рубин Алексоски, клупскиот претставник на Победа.
Екипата Победа ја имаше следната почетна постава: Шемкоски, П. Петроски, Кофиловски, А. Петрески, М. Талески, Каба, Богевски, Да. Спиркоски, Д. Шаркоски, Ќерими и Бектеш. Во вториот дел настапија фудбалери во уште една постава.
Денешниот меч беше последен, петти зимски тест, пред првиот првенствен дома со штипска Брегалница, на 15 февруари.