Една од најголемите фудбалски сензации се случи на 26 август 2009 година. Тогаш, во 16-финалето од Купот на Македонија, на стадионот ,„Гоце Делчев“ новиот второлигаш 11 Октомври со 3:1 (со головите на Игор Мирчески, Љупчо Хаџи-Спиркоски и Дарко Вршкоски) го совлада петкратниот државен шампион Вардар. Гледачите не можеа да им поверуваат на сопствените очи: скопските ,„ѕвезди“ толку немоќни, што анонимните прилепчани им ја протнуваа топката меѓу нозете. Гостинскиот тренер Ванчо Балевски го призна поразот, потоа поднесе оставка, а истото го направи и претседателот Бојан Захариев. Очекувано, затоа што загубија од тим кој немаше терен и мораше да тренира само зад гол. Подвиг на тренерот Трајче Илиоски со играчите: Кебакоски, Димитриоски, Кулески, Иваноски, Колчакоски (69. Димески), Хаџи-Спиркоски, Вршкоски, Карески (73. Смоквоски), И. Мирчески (72. Р. Трајкоски), Елезоски, Апостолоски.
Во врска со овој подвиг, а и воопшто со прилепскиот фудбал некогаш и сега, разговорот е со фудбалскиот тренер Трајче Илиоски, стручњак кој со задоволство се навраќа на „златните“ години на ФК 11 Октомври, во кои, како што вели, клубот имаше силна организациска и финансиска поддршка од компанијата којашто знае само за успех – ПИ Витаминка.
ВИДЕО (РАДИО ПЕЛА)