Голем е интересот за следниот првенствен меч на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, в сабота од 15 часот, Победа – Башкими, од 22. коло на Втората лига. Така е затоа што целиот приход од продадените влезници е за семејствата зафатени со големата трагедија во Кочани. Акцијата е под насловот „Од срце за Кочани“. Влезниците се продаваат на штанд поставен во центарот на Прилеп, кај продавницата за играчки „Тргачо“ на Градскиот плоштад. Таму е поставена кутија во која директно се пуштаат парите и така затворени во неа комплетно се предаваат на надлежните институции. Таму, кај „Тргачо“ е можноста да се купат карти до попладневните часови в сабота, а потоа, на половина час пред почетокот на мечот, кутии ќе бидат поставени пред портите на стадионот во Прилеп. Секој купувач на карта покрај 100 денари за неа, има можност и за донација со пуштање пари во кутијата, така што целокупната помош ќе биде за настраданите во трагедијата во Кочани.
Со оглед на тоа што Победа е во подем, гостува силното Башкими (кандидат за влез во Првата лига), а настанот е од хуманитарен карактер, се очекува рекорден број публика на трибините од Градскиот стадион „Гоце Делчев“во Прилеп.