100 години фудбал во Прилеп

ПРИЛЕПСКИ НАВИВАЧИ НА ПЛЕТВАР

Крајот на пролетта или почетокот од летото кулминираат со фудбалските возбудувања. Така беше и на 1 јули 1979 година. Тој ден, недела, се одигра последното, 34. коло од Македонската фудбалска лига, трета по ранг во системот на Југославија. Првакот стануваше второлигаш. За првото место се бореа Победа со 46 бода и Пелистер со 45. Победа и гостуваше на Југококта (денешна Македонија ЃП) во Скопје, Пелистер на Брегалница во Штип.

Бидејќи Пелистер беше убедлив против Брегалница, водеше со 2:0, резултат со кој победи и на крајот, се исчекуваше уште само дуелот во Скопје. Таму, на стадионот во Ѓорче Петров вриеше од гледачи, рекордни 7000, сведоци на вистинска драма. Прилепчаните поведоа со голот на Златко Конески, а домашните кои се бореа за опстанок, израмнија преку Ковачевиќ. Се до самиот финиш беше нерешено, 1:1, резултат кој им беше од полза на битолчаните, кои имаа за еден гол подобра гол-разлика од прилепскиот тим. Пред судијата да свирне крај, корнер за Победа. И – директно од корнер гол постигнува Љупчо Црвески за 2:1, триумф на Победа, за влез во Втората лига.

Тогаш немаше мобилни, интернет, па за текот на резултатот во Скопје се слушаше радио-пренос од Радио Скопје. Неколку илјади гледачи на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ навиваа за 11 Октомври против валандовска Победа, а истовремено слушаа пренос од радио-транзисторите. Кога се објави резултатот од Скопје – славје на стадионот во Ѓорче Петров кај групата прилепски навивачи, а славје и во Прилеп! Со нетрпение се чекаше пристигнувањето на победниците. Најзагреаните не можеа да се стрпат, па појдоа до Плетвар и таму први честитаа. Околу 22 часот автобусот пристигна во Прилеп, пред стадионот.  Тука веселбата со песни и тапани траеше до полноќ.

Тренер беше Методија Крстески – Каше, претседател Методија Костоски – Мешта.

Од категоријата

(фото) СЕМАФОР НА СТАДИОНОТ ВО ПРИЛЕП!

Зоран Иге

ТРИБИНА ЗА СТОЕЊЕ!

Зоран Иге

ПОБЕДА ГУБЕШЕ 1:0, ПА ПОБЕДИ 8:1!

Зоран Иге

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. ДА Повеќе