Тренерот Дарко Крстески, кој има дел од заслугата за влезот на Победа во Првата лига со оглед на тоа што ја водеше екипата безмалку две години пред зимоска да дојде битолчанецот Димитар Капинковски, е пред нов ангажман. Дознаваме дека Крстески веќе е во преговори со неколку амбициозни второлигашки, како и со неколку клуба со прволигашки статус. Секако, нема да е изненадување каде и да се појави, ако се земе предвид неговото тренерско искуство преку работата во 11 Октомври, трипати во Победа, како и во Тиквеш и Пелистер, па и во странство. Веќе стекнува право за добивање највисока Про-лиценца, а во пресрет на тој чин се очекува да претстојува десетина дена во некој од клубовите кои имаат настапувано во групна фаза од европските купови. Во врска со ова извесно е дека ќе ја одбере белградска Црвена звезда, каде секогаш е добредојден, па и сега во Стручниот штаб на Дејан Станковиќ. Крстески неколку сезони играше за овој голем клуб, некогашен европски и светски шампион.
Одлуката за името на новиот клуб би требало да биде многу скоро, ако се има предвид дека се ближи стартот на подготовките за следната сезона.