Во Белград се случи промоција на биографската книга „Пикси“ од авторот Небојша Петровиќ, дело посветено на легендарниот фудбалер, сегашен селектор на Србија Драган Стојковиќ – Пикси. Во 340 страници е опишан развојот на врвниот мајстор од тинејџерските години во Раднички Ниш, преку белградска Црвена звезда, францускиот Марсеј, италијанската Верона до јапонската Нагоја.
Спомнати се многу големи фудбалски имиња, меѓу кои прилепчанецот Илија Димоски, тренер на Раднички во 1982 и 1983 година. На страница 25 пишува:
„Илија Димоски беше тренер со благ карактер, но строги принципи. Кај него можеше играч да се опушти по тренингот, да запали цигара или да испие чаша пиво. Меѓутоа, на теренот се знаеше кои се приоритетите и како треба да се однесува играч конкурент за место во првата постава. Немаше заштитени и привилегирани. Дури и на својот син Милан шанса му даваше само на лажиче, само во одредени интервали од натпреварите, кога исходот веќе беше познат. Слично се однесуваше и кон момчето Драган Стојковиќ. кому му ја дозираше минутажата во склад со неговите години и моменталните физички способности. Да ја земаше предвид само техниката, Пикси би имал запечатено место во првата постава.
– Малиот Стојковиќ и натаму го сметам за поголем талент од Митар Мркела, но не и созреан за улогата на стандарден првотимец. Се уште му ги одбираме противниците, не сакаме да изгори. Ќе игра само тогаш кога постојат услови да го искаже целиот свој раскошен потенцијал. Не е веќе стипендист, сега го очекуваат потешки и посериозни задачи – изјави Димоски по еден натпревар во кој Стојковиќ влезе од клупата и беше меѓу најзабележителните актери на теренот.“
Димоски како играч има настапувано за Победа, Раднички Ниш и Пролетер Нови Сад, а тренер беше на Раднички Ниш, Победа, Вардар, Приштина и уште десетина други тимови.