Во пресрет на утрешниот старт на новото првенство од ракометната машка Супер лига, разговараме со Реваз Чантурија, тренер и играч на Прилеп.
Зад Вас е работата од 38 дена?
– Подготовките беа во Прилеп и задоволен сум како поминаа низ пријателските натпревари. Уште многу имаме за да бидеме тим како што јас посакувам, ама со трпение и многу работа, ќе успееме.
Од екипата заминаа шестмина, дојде еден?
– Да. Заминаа шестмина првотимци, а дојде еден искусен пикер Пеце Ѓорѓиески. Имаме млади и желни за игра ракометари, во кои имам доверба. Мислам дека ќе ја искористат дадената шанса.
Имајќи ја предвид А-групата со Вардар С., Вардар Н., Бутел, Охрид, Струга, Куманово и Алкалоид, каде е местото на Прилеп?
– Не би можел да кажам така стриктно кое место би освоиле, колку натпревари би добиле… Млада екипа сме со желба за докажување. Освен јас и Ѓорѓиески, сите се под 24 години, а има и момчиња од 17-18 години. Освен ние Грузијците – јас и Мириан Гавашелишвили, сите други се прилепчани. Ме радува тоа што ќе го носат одговорно и гордо дресот на клубот од својот град.
Ваш прв противник е Алкалоид?
– Сигурно Алкалоид е еден сериозен проект, квалитетна екипа со неколку искусни играчи, на чело со легендата Кирил Лазаров. Ние како тим со вакви квалитетни натпревари можеме само да напредуваме. Како тренер ми е битно да има жар, борба, дисциплина, да се игра без страв, а доколку излезе шанса, да ја искористиме.
Мечот Прилеп – Алкалоид е утре (сабота) во 18,30 часот, во салата на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп.