Попладнево се игра 9. коло од фудбалската Прва лига на Македонија, во тие рамки и мечот во Прилеп, Победа – Шкендија. Ако се погледне табелата, тетовчаните имаат предност, но ако се земе предвид амбиентот во кој ќе се игра мечот, прилепчаните се со свои шанси. Во секој случај, дерби кое долго се очекуваше и секој прилепчанец сака да го види.
„Шкендија е меѓу најуспешните клубови во последно време, сега под водство на колегата Ќатип Османи. Концепт доста успешен во кој своја рака има ставено и Артим Шакири. Денеска доаѓаат во добра форма. Ги гледавме против Шкупи на натпревар каде одиграа многу добро, доминираа низ модерен фудбал, со сите фази што во играта сакаме и ние да ги покажеме. Од друга страна, ние на домашен терен сакаме да направиме еден моќен тим, којшто ќе може да стигне до успех. Очекуваме поддршка од трибините, како и секогаш, публиката да биде наш 12-ти играч“, вели Бобан Бабунски, тренерот на Победа.
Секој тим што гостува во Прилеп има можност да игра пред повеќе илјади гледачи. Тоа е атмосфера што мотивира за давање максимум од двата ривала. Шкендија има високи амбиции и во ова првенство па останува да се види како ќе се покаже попладнево. Пред пет години, кога гостуваа на игралиштето Могила, тетовчаните загубија со 1:0 во присуство на 500 гледачи, а како ли ќе се покажат сега пред илјадници присутни на трибините од Градскиот стадион „Гоце Делчев“?
„Овде нема што многу да се зборува. Едноставно и јасно, Шкендија на секој натпревар има за цел само победа. Не е важно кој е ривалот, формата или местото. Играме за три бода затоа што го сакаме врвот на табелата. Мислам дека првенствената пауза беше добредојдена за подготовка, особено по промените во стручниот штаб. И покрај тоа што со репрезентацијата бевме јас и Бејтулаи како и тројца помлади, се чини дека тимот добро работеше и овие денови ни послужија да бидеме подготвени за предизвикот со Победа. Што се однесува до Победа, таа е незгодна екипа на својот терен, особено кога игра со екипи од врвот на табелата, кога како да е двојно помотивирана. Свесни сме дека со поддршка од нивната публика, домашните ќе се обидат да не спречат. Но, ние сме Шкендија и мора да бидеме на висината на задачата“, изјави Љупчо Дориев, репрезентативец од Шкендија.
ПОБЕДА: Тофилоски, Хани, Делов, Рамани, Тодоров, Спиркоски, Мазари, Џејмс, Галевски, Ѓурковиќ, Дадет. Тренер: Бобан Бабунски.
ШКЕНДИЈА: Захов, Бејтулаи, Цаке, Незири, Елези, Хасани, Дориев, Мурати, Шала, Билали, Дита. Тренер: Ќатип Османи.
Натпреварот попладнево е од 15 часот.