Многу работи, вклучително и во фудбалот, чудно изгледаат отстрана. Ако споменеме дека Победа има одбрано да земе голман откако тој прими седум гола во Прилеп, тоа секако е нешто чудно, најчудно. Тоа се случи летото 1981 година, кога Победа стана член на Втората југословенска лига и за голманско засилување го зеде Момчило Грошев од Победа Валандово.
Еве што се случи. Пролетта до последното коло Победа се бореше за да биде првак во Републичката лига на Македонија. И требаа не само бодови, ами и што подобра гол-разлика во трката со штипска Брегалница, затоа што тогаш таа одлучуваше за пласман во случај два или повеќе тима да имаат ист број бодови. Во претпоследното 29. коло на 14 јуни, Победа дома ја пречека валандовска Победа, чиј гол го бранеше Грошев, тогаш 21-годишен. Прилепскиот тим настојуваше да даде што повеќе голови, но долго време резултатот беше прескромен 1:1. Можеби десетина чисти голови спаси Грошев. Публиката се прашуваше кое е ова момче. Во вториот дел гостинската одбрана попушти, веројатно и мотивацијата беше само на страната на Победа и оттука се заредија уште шест гола за конечни 7:1. На излезот од стадионот многу народ го чекаше Грошев, публика која знае да препознае квалитет, независно од резултатот.
– Момче, тебе местото ти е во Победа – довикуваа симпатизерите на Победа.
И така, во летниот преоден рок Момчило Грошев од валандовска дојде во прилепска Победа и за неа бранеше следната сезона во Втората југословенска лига, а потоа премина во скопски Вардар со кого ја освои шампинската титула на Југославија.