Четврти ден е од преодниот рок за фудбалерите, така што секојдневно се случуваат промени. Во врска со прилепска Победа, фудбалскиот прволигаш, ново е што денеска кон тренинзите се приклучи фудбалер кој конкурира за страничните позиции. Стручниот штаб, предводен од Благојче Дамевски, ќе даде оценка за неговите квалитети по извршувањето на задачите на тренинзите, особено преку настапите на пријателските натпревари. Претходно на тренинзите, кои се на Градскиот стадион „Гоце Делчев“, во вежбалница и на игралиштето со вештачка трева во Прилеп, можеа да се видат уште неколкумина нови, како Лука Трајкоски, повратник од велешки Борец, а и двајца сосема нови – Алиу и Ментор, кои настапија на тест-мечот со Шкупи во Охрид. Најавени се уште неколкумина Африканци, како и од Србија.
Следниот пријателски дуел е в недела, со косовскиот Феризај во Дојран.