Секој повозрасен прилепчанец поврзан со фудбалот само да зачекори во стадионот „Гоце Делчев“ веднаш го фаќа носталгија за убавите минати времиња, а камоли фудбалер кој доаѓа оддалеку, од далечна Австралија. Во саботата, во пресрет на мечот Победа – Новаци, меѓу првите посетители што влегоа во објектот беше Милан Тодороски, ѕвезда на Победа од осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век.
По четири години е тука. Откако се поздрави со многумина што го познаваат, по толку децении се сеќаваат на него, се тргна настрана да ги избрише солзите -симптомите за таа носталгија.
Зарем може да се заборават годините кога како дете одвај успеваше да се пробие за да биде на трибината, годините кога се зачлени во пионерската екипа на Победа, па во сениорската од 11 Октомври? Зарем се заборава есента 1987 година, најдобрата полусезона на Победа во Втората југословенска лига – Исток?Тие седум победи во серија – со Мајданпек, Титоград, ОФК Београд, Металург, Влазними, Борац Чачак, Црвена звезда Гњилане, па во 1992 првото македонско дерби со Вардар, тие 10-15 илјади луѓе кои го полнеа стадионот?
Тодороски е во Австралија од 1993 година, кога се раздели со Победа.