Стартот на пролетниот дел од Првата фудбалска лига на Македонија не донесе радост за екипата на Победа. Прилепскиот тим пред своите верни гледачи на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ загуби со 0:2 од скопски Работнички. Иако играта, шансите беа на страната на гостите, резултатот е убедлив, сепак, до последната минута не им беше сигурна победата на „романтичарите“. Затоа што резултатот од 1:0 по голот на Дејан Ѓуриќ во 14. минута се влечеше до пред крајот, а на домашните им даваше надеж за да се борат.
Пред вториот гол во 89. минута на Крсте Велкоски, Победа го изведе единствениот корнер од кој Мурат Адили со глава биеше крај дирекот. Потоа се случи црвениот картон за Огњен Ѓурковиќ, голот од слободен удар на Велкоски, и конечно затворен мечот. Екипата на Победа се претстави со дури деветмина нови на кои им треба време за адаптација, па тешко дека можеше да освои барем бод. Но, борбата за опстанок продолжува се додека има шанси.
За одбележување е 19. минута кога од игра мошне рано излезе Анатолиј Петејчук, поради повреда на раката.
ПОБЕДА (4-3-3): Тофилоски – Јованов, Стомнароски (46. Адили), Стоименовски, Ѓурковиќ – Алиу (46. Ј. Наумоски), Дадет (92. Аризанкоски), Ферати (66. Дујовски) – Трајкоски, Петејчик (19. Чајани), Кудијан. Тренер: Благојче Дамевски.
РАБОТНИЧКИ (4-3-3): Алексовски –Деспотовски, Ѓуриќ, Исмаили, Аломеровиќ (84. Бошковски) – Ангелов, Гандо (59. Рушевиќ), Д. Тодоровски (59. Алими) – Мазари (76. Шаркоски), Маркоски, Велкоски. Тренер: Милан Илиевски.
ДЕНЕШНИ РЕЗУЛТАТИ ОД 19. РУНДА: Победа – Работнички 0:2, Брегалница – Скопје 0:0, Шкупи – Шкендија 2:0, Македонија ЃП – Академија Пандев 0:1, Тиквеш – Струга 1:1.
ТАБЕЛА: Струга 38, Шкупи 37, Шкендија 28, Тиквеш 27, Силекс 26, Брегалница 22, Работнички 21. Македонија ЃП 20, Академија Пандев 15. Победа 13, Скопје 12.
ИДНО 20. КОЛО (26 февруари во 14 ч.): Шкендија – Победа, Скопје – Тиквеш, Струга – Македонија ЃП, Силекс – Шкупи, Работнички – Брегалница.