Нема повозрасен навивач на Победа кому не останал во траен спомен историскиот триумф на стадионот „Карабурма“ во Белград. Се случи на 28 април 1988 година, во 26. коло на Втората фудбалска лига – Исток на Југославија. Невообичаено за тогашниот фудбал, поради празникот Први мај, мечот ОФК Београд – Победа се одигра во четврток. На Радио Прилеп имаше пренос и цел град тоа попладне како да беше пуст, бидејќи сите фудбалски љубители беа дома, покрај радиоприемниците.
Тимот ОФК Београд, долгогодишен југословенски прволигаш, во второлигашката конкуренција ретко губеше на гости, камоли дома. Беше главен кандидат за првото место, за враќање во прволигашкото друштво. Но, Победа водена од тренерот Кирил Анески – Тумано не признаваше фаворит. Есента со 2:1 со двата гола на Васко Гунев го совлада ОФК Београд, а оптимистички отпатува на вториот дуел со белградскиот ривал. На овој меч, на изненадување на домашните, Победа ја имаше иницијативата и трипати водеше. Првиот гол со страотен удар од 30 метри го даде пробиштипјанецот Влатко Досев, вториот и третиот беа дело на брзиот кавадарчанец Гунев. Така, овој играч во тоа првенство дури четирипати беше стрелец против овој противник. Последниот гол придонесе за конечниот резултат од 3:2 за Победа.
Поради поразот, ОФК Београд беше исфрлен од трката за првото место, а нов прволигаш стана крушевачкиот Напредак.