Вечерва во 6. рунда од плеј-аутот на машката Супер лига, Прилеп со 23:22 го совлада Куманово. Ова е првиот пораз на Куманово, покрај петте досегашни победи.
Во салата на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ се водеше борба со пресврти. Во првото полувреме Прилеп го имаше водството кое на одмор изнесуваше 12:7.
Се чинеше дека домашниот тим лесно ќе стигне до трите бода. Меѓутоа, во вториот дел на гостите им успеа да ги средат своите редови. Ја намалуваа разликата и се случи израмнување, 15:15 во 44. минута.
Натаму, по уште едно израмнување, 18:18, Прилеп поведе со три разлика. Но и тоа не беше гаранција за триумф. Кумановчаните намалија на 23:22, Прилеп не искористи седмерец, па последниот напад го имаше Куманово. Ударот беше одбранет и заслужена победа на Прилеп од 23:22.
Борбата за опстанок е до 5. место од табелата. Шестото значи бараж, седмото и осмото водат во понизок ранг.
ДРУГИ РЕЗУЛТАТИ: Струга – Радовиш 31:21, Скопје – Голден арт 27:29, а Вардар – Јуниор КВ утре.
ТАБЕЛА: Куманово 16, Голден арт 15, Прилеп 14, Скопје и Струга по 9, Јуниор КВ и Вардар по 7, Радовиш 2.
СЛЕДНО КОЛО: Голден арт – Прилеп, Јуниор КВ – Струга, Куманово – Вардар, Радовиш – Скопје.