Некогаш немаше обложувалници, ама луѓето пак се обложуваа меѓу себе, во врска со натпреварите на кои присуствуваа. Прочуено обложување, кое е напишано и во книгата „СД Гоце Делчев – ФК Победа“ од Веселин Тофоски се случува на 31 март 1946 година, на игралиштето во Прилеп, за време на квалификацискиот дуел за влез во Републичката лига на Македонија, Гоце Делчев (Победа) – Пелистер.
Меѓу присутните 5000 гледачи има обложување и пред и за време на натпреварот. По водството на Пелистер со 1:0 по првото полувреме, во паузата има обложување меѓу прилепските и битолските навивачи. Еден од прилепчаните, Трајко Митрески – Улајо прогнозира пресврт и сигурна победа на Гоце Делчев, а во обологот ги става сите пари (20 илјади југословенски динари) од заемот од тутунот. Нешто помала сума (12 илјади динари) за облог за да победи домашниот тим става Мицко Крстески.
Двајцата земаат големи добивки, бидејќи на крајот победува Гоце Делчев со 4:1. Сите 4 гола ги дава Ристе Тренкоски. Гоце Делчев игра во состав: Петар Костоски, Миле Најчески, Благоја Мојсоски, Орде Стојаноски, Димче Москоски, Кирил Трајкоски, Благоја Попата, Никола Цицоски, Методија Крстески, Ристе Тренкоски и Атанас Камчески.