За Илија Димоски – Мајсторо (1939-2008) јавноста низ целиот простор на некогашната Југославија знае дека е еден од најдобрите фудбалери на позицијата десен бек. Но, она што малку е познато – тој е и некогашен одличен ракометар, на позицијата среден бек. За Прилеп настапува во педесеттите години од 20 век. Еве што пишува новинарот Миле Талески во книгата „Монографија за прилепскиот ракомет“:
„Чудно, но вистинито. Многу афирмирани фудбалери на Победа својата спортска кариера ја започнуваа преку ракометот. Еден од нив е и Илија Димоски, кој многу постигна во фудбалот – и како фудбалер и како тренер, и за него не треба да се зборува многу. Таму го достигна врвот. Меѓутоа, тој истото ќе го постигнеше и во неговиот прв спорт, ракометот – ако останеше во него. Беше извонреден ракометар, кој шутираше така силно, што се чини дека до ден-денеска го нема надминато никој. Беше во состојба да скрши и статива, а од неговиот силен шут, кариерата експресно ја заврши авторот на оваа книга…“
Фудбалската кариера ја поминува во Победа, Раднички Ниш и Пролетер Нови Сад, а тренерската во Раднички Ниш, Победа, Вардар, Пелистер и други клубови.