Меѓународниот турнир за најмлади категории фудбалери „Прилеп куп 2023“ најавен за 11, 12 и 13 август, беше планиран за 40 екипи, но, поради огромниот интерес за учество од Македонија, Бугарија, Грција и Србија, извесно е дека системот по групи ќе има проширување. Од Бугарија прв се јави познатиот клуб Локомотив од Софија, од Србија Дубочица Лесковац со некогашниот фудбалер на Победа, Игор Митиќ. Организаторите – Општина Прилеп и ФК Прилеп, за да им излезат на сите во пресрет, системот го прилагодуваат за поголем број екипи. Можно е да се надмине бројката од 46 тима од минатогодишното прво издание.
Во тек се активностите за организација на турнирот, во тие рамки и дотерувањето на тревникот, просториите и трибините од стадионот кај Могилата.