Прилеп во претстојнава сезона пак ќе има кошаркарска сениорска екипа во Втората лига на Македонија, тоа е Мега баскет. Клубот благовремено ја пријави екипата, по што треба да ја уплати сумата за котизација. Таа за оваа сезона е 1000 евра, на две еднакви рати. Засега не се знае кои други екипи ќе учествуваат во таа лига, затоа што пласманот од претходната сезона не е единствениот критериум. Зависи од тоа кои клубови се заинтересирани да бидат во лигата, според својата финансиска состојба. Што се однесува до подготовките, Мега баскет првиот собир ќе го има в среда на игралиштето пред ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“. Тренинзи на отворено ќе има до 1 септември, кога се влегува во салата од ОУ „Добре Јованоски“. Екипата ја напуштија младите Стефан Јанески (МЗТ Скопје) и Иван Кузманоски (САД), додека шест месеци поради лекување повреда отсутен ќе биде Миле Станимировиќ.
Покрај сениорска, прилепскиот клуб пријави и младинска екипа до 16 години.