На 30 септември 1987 година, на Градскиот стадион во Скопје се одигра реванш-мечот од 1. коло од Купот на европските фудбалски шампиони, Вардар (Југославија) – Порто (Португалија) 0:3. Тогаш Порто гостуваше како актуелен европски шампион. Беше можност да се гледа и да се учи. Како што се вели „ако учиш – учи од најдобриот, ако гледаш -гледај го најдобриот.“ Затоа меѓу гледачите беше раководството, тренерите и сите фудбалери на прилепска Победа, екипа која таа есен се издигна до врвот од табелата на Втората југословенска лига. Според шефот на Стручниот штаб Кирил Анески – Тумано, португалскиот тим одржа час-лекција по модерен фудбал:
– Кога се вративме во Прилеп, сите играчи беа единствени во оценката дека видоа што значи професионализам, што значи фудбалско знаење и надмудрување. Едноставно, заклучивме – кога ги гледаш на теренот мајсторите Маѓер, Барош, Магељеш, мислиш дека фудбалот е наједноставната игра на светот – рече Анески.
Победа таа есен како да беше Порто за сите ривали во лигата.