Во 48. минута падна единствениот гол на второлигашкиот меч Победа – Осогово (1:0), каде стрелец беше домашниот стопер Филип Стомнароски. Убав гол со глава, тоа е она што го видоа 500 присутни на прилепскиот стадион и уште толкумина преку видео-извештајот, но малкумина се тие што го знаат емотивниот и духовниот момент. Стрелецот Стомнароски, веднаш по радоста за голот. кај клупата на Победа покажа маичка на која пишува „Животот е сцена – доаѓаш, гледаш и си одиш.“
– Пораката од маичката ми значи многу оти е поврзана со мојот прв братучед Александар, кој почина овој месец пред 13 години, млад на 19 години. Го следам патот по кој тој одеше и во секој момент знам дека е со мене и дека ме гледа однекаде – се зборовите на Филип Стомнароски.
По ова тешко е да се зборува само за една димензија – фудбал, кога суштината на животот е во бескрајно многу димензии.