Приближува Европскиот клупски куп во шах, кој од 30 септември до 8 октомври ќе се одржи во Драч, Албанија. Таму, според распоредот, екипата Прилеп во 1. коло ќе се сретне со Падова од Италија.
На ова меѓународно натпреварување Падова е рангирана на 34. место меѓу 84 тима. Настапуваат два велемајстора (Даниеле Вокатуро, Дањил Двирниј), два фидемајстора (Валерио Карничели, Алесио Борасо), и двајца без меѓународна титула (Марко Масирони, Кристијано Кваранта). Екипата Прилеп е на 76. место. Покрај капитенот ИМ Тони Кироски, за настап пријавени се уште Кире Николоски, Горан Готовуша, Дејан Ѓорѓиески, Марјан Дамчески и засилувањето од Битола – Алекс Насков. Амбиција е пласман десетина места погоре од стартната позиција.
На Европскиот клупски куп учесник ќе биде уште еден македонски претставник – скопски Гамбит (27. место).