Екипата на Новаци со резултат 1:1 зеде бод во пелагониската пресметка со Победа во Прилеп, од 6. рунда на Втората лига. Иако се одеше во прилог на прилепскиот тим до 85. минута, гостите стигнаа до израмнување. Еве што се случи. Во првото полувреме целосна иницијатива на Победа, со серија добри шанси. Неколкупати топката помина крај голот, а еднаш се одби од гредата, при шутот на младиот Димитри Кочоски. Во второто полувреме иако Новаци ги среди редовите и ја отвори играта, сепак во 72. минута домашниот тим дојде до водство. Тоа беше мајсторска завршница од Филип Димоски, кој од тешка позиција оддесно, преку играч и голман со лоб-удар успеа под пречка да ја затресе мрежата.
Се чинеше дека се е завршено, бидејќи кога домаќинот води, ја зацврстува одбраната и има можност за контри. Така изгледаше се до 85. минута. Тогаш малубројната публика (неколку стотици гледачи) беше сведок на уште еден убав, мајсторски гол. Гостите од една шанса – еден гол. Некаде одлево, во близина на работ од шеснаесетникот, шутираше Антонио Стојковски, неодбранливо, во подалечниот горен агол за конечни 1:1. Ништо ново во врска со Новаци – вторпат е непоразено во Прилеп во период од два месеца, со оглед на победата од 2:1 на пријателски меч.
ПОБЕДА: Николоски, Стомнароски, Кочоски, Алимоски, Д. Дебрешлиоски (76. Д. Спиркоски), Ф. Димоски, Поп-Антоски, Кукески, Ивчески, А. Петејчук, И. Трајкоски (73. Грозданоски). Тренер: Филип Мирчески.
НОВАЦИ: Симоновски, Казимоски (74. Недановски), Стефановски, Стојковски, Котевски, Богданоски, Тасевски (62. Кочишки), Ајетовиќ, Труфуновски, Јовановски (74. Стојчев), Торнески. Тренер: Дарко Крстески.
РЕЗУЛТАТИ: Победа – Новаци 1:1, Охрид – Скопје 1;0, Арсими – Вардар Н. 1:0, Пелистер – Караорман 4:1, Беса – Кожуф 2:0, Тетекс – Детонит 4:0, Башкими – Саса 2:2, Осогово – Беласица 3:1
СЛЕДНО 7. КОЛО (30 септември во 14 ч.): Саса – Победа, Беласица – Охрид, Новаци – Осогово, Детонит – Башкими, Кожуф – Тетекс, Караорман – Беса, Вардар Н. – Пелистер, Скопје – Арсими.
ВИДЕО-ИЗВЕШТАЈ на линкот подолу: