Пролетниот дел од првенството во Втората кошаркарска лига зема залет. Веќе на ред е втората рунда, вкупно 13. Така, в сабота (19 ч.) во салата од ООУ „Добре Јованоски“ е дуелот Мега баскет – Соколи. Двата тима се соседи на табелата, прилепскиот на 8. место со 16 бода, штипскиот на 7. со 17. Борбата е за пласман што повисоко од двете последни места кои водат ранг подолу. Но, за екипата Мега баскет, водена од новиот тренер Мико Голубовиќ, мотив е и желбата за реванш за есенскиот пораз во Штип, со 80:73. Евентуален триумф со 8 и повеќе разлика, може да значи повисок пласман за Мега баскет од Соколи, доколку на конечната табела се со ист број бодови. На овој меч трибината ќе биде исполнета до последното место и оттука препораката да се влезе совреме во салата.
Претходно, на стартот од пролетниот дел, Мега баскет со високи 73:35 го совлада Куманово 2009, на негов терен.
ТАБЕЛА: МКК Куманово 24, Маџари 22, Шкупи и МЗТ Уни 21, Ангели 19, Борец 18, Соколи 17, Мега баскет, Водно и Работнички 16, Тетекс 14, Куманово 2009 – 11.