100 години фудбал во Прилеп

ПРИЛЕПЧАНИТЕ НАМЕСТО НА ТУТУН – НА СТАДИОН!

За денешниве генерации можеби изгледа нешто неверојатно – да се остави работа за да се гледа фудбал, но тоа навистина се случуваше во Прилеп. Еден таков настан е на 15 јуни 1986 година. Во јуни прилепчаните масовно одат по нивите на садење тутун. Зарем има нешто што ќе ги натера да го остават тутунот среде бел ден, во 10 часот претпладне? Токму тогаш, во 10 часот беше почетокот на првенствениот дуел Победа – Осогово, од последното 30. коло на Републичката лига на Македонија, трета по ранг во Југославија. Мечот беше важен – одлучуваше дали Победа или Саса ќе биде првак, со статус нов член на Втората југословенска лига. Двата тима имаа ист број бодови, но прилепскиот за пет гола подобра гол-разлика. Тогаш, при ист број бодови, за пласман одлучувачка беше гол-разликата. Времето жешко, на нивите којзнае колку мажи покрај жените, а на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ околу 8000 гледачи! Меѓу нив дури и еден битолчанец – Мате Шундовски, легендарниот навивачки диригент. Победа победи со 4:0, со головите на Миле Конески од пенал, два на Ристо Глигороски и на Љупчо Тасевски, па со оглед на скромната победа од 2:0 на Саса со Тиквеш, Победа стана второлигаш. Прославата траееше до доцна вечерта.

ПОБЕДА: Томиќ, Шалев, Б. Кулески, Р. Ѓорѓиоски, Радевиќ, Ф. Јонуз, Магловски, З. Костов (Т. Наумоски), Глигороски, Тасевски, М. Конески. Тренер: Лазар Плачков.

ОСОГОВО: Балтазаров, Трендов, Давитков, Стојков, Јовановски, Арсов, Лазаров, Паунов, Костадинов (Пенов), Илиевски, Теодосиев, Тренер: Јордан Минов.

ФОТОГРАФИЈА ОД 1986

На фотографијата од 15 јуни 1986 година може да ги познаеме Горан Спиркоски (познат играч, судија, делегат), Трајче (познат голман), Душан Томиќ (тогашен голман на Победа), Рубин Алексоски (сопственик на фотографијата, навивач на Победа од глава до петици)…

Од категоријата

НА ПОЛУВРЕМЕ НАСЕТИВМЕ ДЕКА УМРЕЛ ТИТО

Зоран Иге

НА ОВОЈ СТАДИОН Е ПОДВИГОТ НА ПРИЛЕПСКА ПОБЕДА!

Зоран Иге

АЦУЛЕ И СТРУМИЧАНИТЕ

Зоран Иге

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. ДА Повеќе