Убава вест од Шолта, остров во Хрватска, каде се одржа Седмиот меѓународен блиц-турнир во шах. По 11 одиграни кола победник е прилепчанецот Роберт Велески, фидемајстор. Првото место е вредно затоа што е во конкуренција на 46 шахисти од 12 држави. Меѓу нив беа 8 фидемајстори, 3 интермајстори и еден велемајстор, Огњен Цвитан од Хрватска. За него е познато дека некогаш беше светски младински шампион и освојувач на сребрен медал со репрезентацијата на Југославија. Нашиот Велески иако загуби во дуелот со Цвитан, на крајот успеа да освои 9 поени за да биде над сите на конечната табела. Веднаш под него е Цвитан со 8,5 поени, па ИМ Срѓан Сале (Хрватска) со 8 поени, ФМ Рафал Тумракиевиќ (Полска), ИМ Милан Мрѓа (Хрватска) и ИМ Озрен Бити (Хрватска) со по 7,5 поени итн. Прилепчанецот, единствен претставник на Македонија, загуби двапати (од ВМ Огњен Цвитан и ИМ Срѓан Сале – Хрватска), а деветпати победи (со Марко Пркиќ, ИМ Озрен Бити, ИМ Милан Мрѓа, Марин Гргантов, Матија Мимица – Хрватска, Симеон Бретнер – Германија, Јуре Пласкан – Словенија, ФМ Рафал Тумракиевиќ – Полска, ФМ Сием Ван Дел – Холандија), Организатор на турнирот беше Шаховскиот клуб Брда од Сплит.
Роберт Велески беше учесник и на Меѓународниот турнир „Шолта опен“ каде го освои 25. место меѓу 66 шахисти од 16 држави.