Ако се земе предвид дека прилепскиот претставник во футсалот, екипата Победа, учесник е во Втората футсал лига, многу далечна е помислата за некое повисоко достигнување на прилепски играч во футсалот. Меѓутоа токму тоа се случува. Прилепчанецот Мартин Никовиќ е најдобар стрелец, голгетер, во Првата футсал лига на Македонија. Според листата стрелци по 18 одиграни кола оваа сезона, Никовиќ (настапува за второпласираниот на табелата Клими од Кавадарци) има 27 гола, а подолу се Марио Атанасовски (Кеги-Моби од Велес) со 23, Армандо Алијевиќ (Јувентус Серава од Скопје) со 18, Петар Левков (Клими од Кавадарци), Берат Рамадани (Форца од Куманово), Петар Ристовски (Црна Река од Кавадарци) со по 17 итн.
Головите Никовиќ ги има постигнато против третиот Проект од Гевгелија (2 есента +1 гол пролетва), петтото Шкупи од Скопје (1+1), десеттиот Железарец од Скопје (1+1), четвртото Осогово од Крива Паланка (1+2), лидерот Форца од Скопје (2+2), Јувентус Серава од Скопје (2), деветтата Црна Река од Кавадарци (3+7), шестото Кеги-Моби од Велес (1). На последниот со Црна Река, меч кој заврши со 9:4 за Клими, Никовиќ постигна 7 гола.
Мартин Никовиќ (32 години) поради голгетерските способности има веќе два повика за футсал-репрезентацијата на Македонија.