Прилепска Победа ги загуби првите три прволигашки меча, последниот со 4:1 од Македонија ЃП, но тоа негативно не влијае врз работната атмосфера во екипата. Неделава минува според планот: имаше состанок, анализа, тренинзи под водство на Бобан Бабунски.
– Се сакаат резултати веднаш, но мораме да бидеме реални, реално да гледаме на тоа што го имаме. Според тоа, мораме да работиме макотрпно. Има осцилации во играта. И во Ѓорче Петров се покажа дека во офанзивната идеја трпи дефанзивата и, како што можеше да се види, буквално, од наши грешки дозволивме да примиме голови. Тоа е поради неискуството, недоволниот континуитет. Играчите се тие што ги имаме. Гледаме да созреат, да ги преболат тие „детски болести“. Ние не играме „бункер“ со чекање што ќе направи противникот, туку се обидуваме офанзивно. Одредени фудбалери немаат навики да играат во два правца, од офанзива да се вратат во дефанзива. Секако, има и добри страни – ме радува тоа што тандемот Мазари – Бојан Спиркоски полека заличува на оној од претходната сезона – вели Бабунски.
Поради тоа што екипата во следнава рунда е слободна, викендов на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ ќе има тренинг-меч меѓу две екипи на Победа. Се е свртено кон двете гостувања, прво в среда кај Шкупи, потоа на Скопје.
– Нашата цел е да креираме похрабра игра со досегашните играчи, а се надевам дека ќе имаме на располагање и неколку нови коишто можат да помогнат. Тенденција е да се направи структура на тимот, конкурентна во Првата лига.
Списокот фудбалери во Победа не е затворен. Така ќе биде до крајот на месецов, до завршувањето на преодниот рок. Оттука, не изненадува приклучувањето на нов играч.
– Да, дојде еден нов фудбалер на тренинг. Сметам дека може да помогне странично и во нападот. Има прволигашко искуство. Исто така, чекаме право за настап на тие странци што се веќе регистрирани – ни рече Бобан Бабунски.