– Кога еден од најдобрите спортисти на светот, популарно GOAT, во спорт, најсличен на нашиот, при преземањето на пехарот за последниот освоен GRAND SLAM-турнир, ќе напомене дека младите спортисти треба да ги следат своите соништа и да сонуваат наголемо, несомнено е дека советот треба да се прифати со две раце – вака загадочно ни се обрати Зоран Јованоски, пингпонгарски селектор на Македонија..
Кога горенаведеното ќе до донесеме во рамките на неговиот, пингпонгарски спорт, тој веднаш открива за кого конкретно се работи, и го истакнува името на неговата ученичка, 15-годишната Софија Хасану. Софија тренира пинг-понг по малку во Крушево, повеќе во Прилеп, настапува во сите можни конкуренции за нејзина возраст, се натпреварува и во машка конкуренција, репрезентативец е во сите категории, на секој тренинг е максимално концентрирана и работи напорно за секој поен…Во наредниот период ќе настапува и во соседно Косово, што е уште еден доказ дека трудот и резултатите, кога-тогаш, се ценат.
– Софија е одличен средношколец со сите петки (што за мене е исклучително важно) и пак наоѓа време да се посвети максимално на целулоидното, сега пластично топче, има максимална поддршка од семејството, од мене лично и од моите соработници, за да ги реализираме предвидените тренинзи. Софија го сонува сонот на оној што го споменав на почетокот од овој текст, нормално, во нашите рамки и за нашиот спорт. Чувствувам огромно задоволство и неизмерна среќа, што и јас, со моето знаење, помагам таа да продолжи да сонува… И ќе бидам секогаш тука, кога ќе има потреба , колку што можам да помогнам, за да се оствари сонот… Софија, продолжи вака и ништо не може да те спречи да го оствариш твојот сон. Оној сон за кој зборуваше Н.Ѓ., оној од почетокот на текстов… – порачува Јованоски.
Младата пингпонгарка има пред себе цел, има за што да се труди, има и од кого да учи – од голем мајстор..