Предмалку на гробиштата Мирогој во Загреб е погребан прочуениот фудбалски тренер, селектор на бронзената Хрватска, Мирослав Чиро Блажевиќ. Многуброен народ присуствуваше на разделбата со него. При спуштањето на ковчегот во гробот, се испеа француска шансона, во придружба на музика од хармоника.
Блажевиќ низ кариерата гостуваше на многу места, меѓу нив и во Прилеп, на Градскиот стадион „Гоце Делчев“. Тоа се случи на 7 март 1983 година, кога Победа на пријателски меч се сретна со југословенскиот шампион Динамо, чиј тренер беше Блажевиќ. Блажевиќ се согласил на гостување во Прилеп во понеделник, иако претходниот ден, во неделата имал тешко гостување на Вардар во Скопје. Заслугата е на прилепчанецот Славчо Башески, голем навивач на Динамо и на Победа.