Попладнево на игралиштето со вештачка трева во Прилеп екипата Цевитана со 3:1 го совлада битолски Топ-Гол, на пријателскиот подготвителен меч за прволигашкото првенство. Ова е прв успех на прилепскиот клуб под новото име Цевитана, замена за досегашното Деспина. Трите гола за победникот се дело на 17-годишната битолчанка Анастасија Илиевска.
Екипата Цевитана, четвртопласирана од претходното првенство, во своите редови ја задржа голманката Иман Шљиво од Босна и Херцеговина. Таа е единствената од странство, затоа што клубот им дава шанса на младите фудбалерки низ поголема минутажа да стигнат до прогрес. Според клупскиот претседател Славчо Ѓорѓијоски, до 15 август се очекуваат две-три засилувања во одбраната или средниот ред и нападот. Што се однесува до местото шеф на Стручниот штаб, наместо Стевче Талески поставена е Катерина Милеска, која ќе биде и натаму и играч, додека ќе и помага искусниот тренер Диме Аџулески.
Првенството во Првата женска фудбалска лига почнува на 26 август, со мечот Шкендија – Цевитана.