В сабота (17 ч.) стартува Втората фудбалска лига, а во тие рамки и мечот во Прилеп, Победа – Тетекс. Секогаш кога е почеток на првенството, без оглед во кој ранг, прилепските фудбалски љубители ги полнат трибините со намера да видат со кои квалитети располага Победа, што може да се очекува во поглед на амбициите, пласманот на табелата. А за фудбалските љубители е значајна веста дека цената на влезниците останува непроменета во однос на минатата сезона – 100 денари. Тоа е, практично, цената која децении со ред е најприсутна за влез на прилепскиот стадион. Некои коментираат дека рангот е понизок (второлигашки наместо прволигашки), но треба да се има предвид и тоа дека цените на сите производи се зголемени. Имајќи ги предвид сите околности, клубот се одлучил за оваа цена. За споредба, на некои прволигашки натпревари во неделата (како АП Брера Струмица – Вардар) влезот чинеше 200 денари.
Влезниците ќе се продаваат пред почетокот на мечот, пред Градскиот стадион „Гоце Делчев“.