Се е подготвено за одржување на четиридневниот Осми меморијален ракометен турнир „Миле Нешковски“ во Прилеп, според она што беше кажано на прес-конференцијата од членовите на Организацискиот одбор, Рубинчо Седлоски (претседател на Организацискиот одбор, претседател на Судискиот збор од Прилеп) и Никола Чадамов (потпретседател на РК Прилеп, претставник на компанијата Комфи ангел). На пресот во хотелот „Атлас“ беше потврдено учеството на 8 екипи во две групи. Во А-групата се екипите Прилеп, Дубочица Лесковац (Србија), Скопје и Струга, во Б-групата Кокс (Финска), Еурофарм Пелистер 2 (Битола), Пролет и Мултиесенс (Скопје). Особено интересни се екипите од странство. За Дубочица многу се знае, клуб кој во Прилеп гостувал на првенствени натпревари во Втората југословенска лига, а на пријателски на некогашниот турнир „Гана – Мери“. Минатогодишен победник е на турнирот „Миле Нешковски“. Во врска со Кокс, тоа е клуб 12-годишен шампион на Финска, актуелен вицешампион. Има учества и во Лигата на шампионите. Првпат гостува во Прилеп.
Отворањето е в петок во 12 часот пред Универзалната сала со положување цвеќе на споменикот од Миле Нешковски, а првиот натпревар од 14 часот во салата на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, каде влезот за ракометните љубители е слободен. Натпреварите ќе ги водат најдобрите македонски судии. Награди има за најдобрите три екипи, за голман, стрелец и играч. Има и награда за животно дело, за придонес кон прилепскиот ракомет.
Минатата година турнирот го освои Дубочица, пред Прилеп, Скопје, Струга, ПАОК (Грција) и Мулти есенс. Најдобар голман беше Ѓорѓи Ерманоски (Мулти eсенс), стрелец со 25 гола Давор Шокоски (Прилеп), играч Марко Радуловиќ (Дубочица), а наградата за животно дело ја доби легендарниот ракометар и тренер Ангеле Гулески.
ВИДЕО од прес-конференцијата на линкот: