Во период од 4 недели во мај и јуни, Лука и Дино Најдоски учествуваа на Светски куп-натпревари во Романија и Унгарија, на два Светски куп-натпревари во Србија, а и на Државното првенство во спортско моделарство, во категорија на воздухопловни модели за слободен лет – едрилици. За нивните резултати информации од Здравко Тодороски, државен селектор и прв човек на клубот „Фил феникс“ од Прилеп.
Лука Најдоски (роден 2009) во категорија едрилици (Ф1А) на сите четири натпревари постигна врвни резултати, и со освоените бодови веќе е на трето место во генералниот пласман за Светскиот куп.
Романија: Салонта-куп – 6 место – 101 учесник
Унгарија: Сабо Миклош – 1 место – 52 учесници
Србија : Срем-куп – 5 место – 67 учесници
Србија : Морава-куп – 2 место – 66 учесници
Лука Најдоски во истата категорија стана државен вицешампион со освојувањето на второто место на Државното првенство во јуниорска конкуренција.
Одлични се резултатите и од малиот Дино Најдоски. Тој веќе на осум годишна возраст постигна резултати кои му обезбедија висок пласман во јуниорска но и во вкупна, односно сениорска конкуренција.
На државното првенство тој постигна голем успех во двете категории на едрилици во кои се натпреваруваше (Ф1А и помалата Ф1Х).
Во категорија Ф1А-едрилици постигна најдобри резултати кои му ја обезбедија титулата македонски шампион во јуниорска конкуренција, а истовремено и трето место во вкупна, односно сениорска конкуренција.
На Државното првенство и во помалата категорија едрилици (Ф1Х) Дино Најдоски стана државен првак со освојувањето на првото место.
Дино Најдоски постигна одлични резултати и на натпреварите од Светскиот куп, и тоа
Србија : | Срем-куп | Ф1А – 11 место, јуниор | Ф1Х – 2 место вкупен пласман |
Србија : | Морава-куп | Ф1А – 9 место, јуниор | Ф1Х – 2 место вкупен пласман |
Постигнатите резултати на натпреварите од светските купови се дотолку позначајни поради тоа што се постигнати во исклучително неповолни метеоролошки услови со многу јак ветар поради кој воздухопловните модели за две минути летале повеќе и од два километри подалеку од стартната линија.
Големата психофизичка и пред се кондициона подготвеност на нашите спортисти им овозможи за време на петте турнуси (секој во траење од по 1 час) да истрчаат далечина и до 20 км. за да ги пронајдат спортските модели и да ги вратат навреме, како би можеле да го реализираат наредниот лет.
Радува фактот што и во така неповолни услови нема оштетување на спортските реквизити и опремата, што не било случај и кај другите учесници.
На сите досегашни натпревари дојде до израз талентот и спортскиот дух на младите натпреварувачи, но тајната за постигнатите врвни резултати пред се е нивната посветеност и напорните тренинзи.
И секако она што е неопходно, заслуга за успехот на младите спортисти имаат нивните родители, кои им даваат безрезервна поддршка.